Турската полиција денеска соопшти дека е уапсена главната осомничена за поставвуање на бомбата во чија експлозија на 13 ноември беа убиени шест луѓе, во центарот на Истанбул. Полицијата додаде дека се работи за курдски милитанти.
Жената за која турските власти објавија дека се вика Алхам Албашир, наводно признала дека добила наредба од Курдската работничка партија (ПКК), која Анкара и нејзините западни сојузници ја сметаат за терористичка група.
„Личноста која ја постави бомбата е уапсена“, рече турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.
ПКК во изјава објавена на нивната веб страница во понеделник на 14 ноември, негира вмешаност и вели дека нивната цел не се цивили, пренесува агенцијата Франс прес.
Експлозијата во неделата се случи на авенијата Истиклал, популарна пешачка зона со со продавници и ресторани што води до плоштад Таксим.
Покрај главната осомничена до сега се приведени на сослушување најмалку 46 други лица, се вели во соопштението на полицијата во Истанбул.
Експлозија беше шокантен потсетник за вознемиреноста што го следеше турското население во годините кога таквите напади беа вообичаени. Земјата беше погодена од низа смртоносни бомбашки напади во периодот меѓу 2015 и 2017 година. За дел од нив одговорност преземаа групата Исламска држава, други од курдски милитанти кои бараат зголемена автономија или независност.
Полицијата соопшти дека осомничената за време на нејзиното испрашување признала дека била обучена како „специјален разузнавач“ од забранетата Курдистанска работничка партија, како и од сириската курдска група Партијата на Демократската унија и нејзиното вооружено крило.
Таа илегално влегла во Турција преку сирискиот пограничен град Африн, се вели во соопштението на полицијата. Министерот за внатрешни работи изјавил дека на сослушувањето осомничената одговорила дека ако не била приведена, планирала да побегне во соседна Грција.
Во својата порака со сочувство, Белата куќа соопшти дека остро го осудува „актот на насилство“ во Истанбул.
„Ние стоиме рамо до рамо со нашиот сојузник во НАТО (Турција) во борбата против тероризмот“, се вели во пораката.
Турската телевизија објави снимка на која наводно се гледа како главната осомничена е приведена во куќа каде што таа наводно се криела. Се наведува дека полицијата при претресот на куќата, исто така, запленила големи количини пари, златни предмети и пиштол. Полицијата подоцна објави и фотографија на која се гледа како жената стои меѓу две турски знамиња, со лисици.
Од македонското Министерство за надворешни работи (МНР), денеска соопштија дека нема настрадани македонски граѓани при експлозијата во Истанбул, а полесно е повредена наша државјанка во турканиците по инцидентот.