На Украина и претстојат тешки месеци и воената способност на Русија не треба да се потцени, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на 14 ноември.
Столтенберг ја пофали „неверојатната храброст“ на украинските сили по повлекувањето на Русија од стратешкиот јужен град Херсон и побара континуирана меѓународна поддршка за Киев.
„Следните месеци ќе бидат тешки. Целта на Путин е да ја остави Украина студена и мрачна зимава“, рече тој на прес-конференција во Хаг по средбата со холандските министри за надворешни работи и за одбрана.
Столтенберг вели дека не треба да направат грешка и да ја потценат Русија, нагласувајќи дека руските сили „задржуваат значителни капацитети, како и голем број војници“.
„Русија покажа подготвеност да поднесе значителни загуби“, додаде Столтенберг.
Повлекувањето на Москва од Херсон „ја демонстрира неверојатната храброст на вооружените сили на Украина, но ја покажа и нашата континуирана поддршка за Украина“, рече Столтенберг.
Шефот на НАТО вели дека на Украина останува да одлучи кои услови се прифатливи за преговорите за да се стави крај на војната, а „наше е да ги поддржиме.
Повторното заземање на градот од страна на украинските војници е последното во низата неуспеси за Кремљ, кој ја нападна Украина на 24 февруари, надевајќи се дека ќе постигне молскавично преземање и ќе ја собори владата за неколку дена.