Власта живее во луксуз, директорот на државната компанија за контрола на летање, М-НАВ Фахрудин Хамиди со месечна плата од 345.000 денари (околу 5.628 евра), за еден мандат од четири години заработува пари колку обичен граѓанин за 76 години, или за два работни века, објави денеска Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција презентирајќи ја таканаречнеата афера „Паразити“.
„Додека народот гладува, а минималната плата е 18 илјади денари, инфлацијата за една година е 20 проценти, а цената на храната е зголемена и за 30 проценти, функционери именувани од Владата за еден месец заработуваат колку што граѓаните можат да заработат за нецели две години“, рече Томовски, член на Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата најави дека од денеска започнува да објавува дел од аферата „Паразити“ за владини функционери кои, како што наведуваат во ВМРО-ДПМНЕ, живеат во луксуз, додека народот страда.
И колегата на Хамиди во Управниот одбор на М-Нав, Влатко Крстевски, зема голема плата, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Тој зима 266 илјади денари месечно (околу 4340 евра).
„Овие двајца функционери именувани од владата за еден свој мандат во М НАВ заедно ќе наплатат половина милион евра само за плата. Двајцата директори во М НАВ ја чинат државата еден голем булевар, или само со парите за нивни плати за 4 години може да се купат 8 амбулантни возила или 3 противпожарни возила“, рече Томовски.
М-Нав деновиве е во фокусот на јавноста, откако Синдикатот на контролори на летање обелодени дека се сомнева оти директорите на компанијата сакале да го поништат огласот за контролори на летање, зошто од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, меѓу кои не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ.
Потоа од компанијата ги отфрлија ваквите тврдења наведувајќи дека процесот за избор на контролори на летање се одвива нормално и дека се очекува да заврши наскоро во предвидениот рок.
По реакциите во јавноста од Управниот одбор на македонската контрола на летање М-НАВ потоа соопшти дека одлучиле да го прифати изборот на кандидати за обука за контролори на летање предложен од Комисијата за избор и селекција на кандидати и да даде насоки за нивно вработување на определено време и упатување на школување.