Односите на Србија и Косово ќе бидат во фокусот на расправата посветена на случувањата на Западниот Балкан на денешниот состанок на министри за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија (ЕУ).
Според најавите, високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел ќе ги извести шефовите на европските дипломатии за застојот во дијалогот Косово – Србија и за состаноците кои, кон крајот на минатата недела, тој ги одржа во Париз со премиерот на Косово Албин Курти и со претседателот на Србија Александар Вучиќ.
Борел потврди дека на Србија и Косово им предал предлог за решавање на кризата.
„Мора да најдеме излез од оваа криза. Изнесовме предлог за излез од кризата, тие треба да го разгледаат. Се работи за добро решение за излегување од оваа криза“ изјави Борел во пресрет на состанокот.
Се очекува на крајот на расправата, шефовите на дипломатиите на ЕУ да го повторат повикот за конструктивно ангажирање на страните во надминување на предизвиците и намалување на тензиите.
Тие исто така ќе бараат напредок во процесот на дијалогот кон постигнување сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализација на односите меѓу двете страни.
Односите Белград – Приштина се затегнати поради неодамнешната одлука на косовската влада да почне со примена на одлуката за укинување на регистарските таблички издадени од српските органи за возилата кои главно ги користат Србите на северот на Косово.
Претставниците на меѓународната заедница побараа од официјална Приштина да ја одложат примената на одлуката за 10 месеци, што косовските власти го отфрлија.
ЕУ и САД изразија разочарување од оваа постапка.
Поради заострените односи не дојде до нова средба меѓу Курти и Вучиќ, иако од ЕУ се очекуваше да дијалогот да добие нова динамика и дека лидерите ќе се среќаваат еднаш месечно.
Во меѓувреме беше потврдено постоењето на таканаречен германско-француски план за дијалогот, но двете страни имаат дијаметрално различни позиции околу овој план.
Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 3 ноември во Берлин рече дека овој план сега е „интегриран во процесот на дијалогот“.
Иако ситуацијата на Косово ќе биде главна тема на состанокот, се очекува министрите за разменат мислења и за влијанието на руската агресија врз Украина во регионот, како и за политичката ситуација во Црна Гора и во Босна и Херцеговина.
Тие ќе разговараат и за процесот на проширување на ЕУ во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан кој треба да се одржи на 6 декември во Тирана.