Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски е повикан в среда во Собрание, каде на седница на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата, ќе треба да даде објаснување за улогата на АНБ во безбедносната проверка на лицето Олександр Онишченко. Агенцијата дала позитивно мислење Украинецот Онишченко да добие македонско државјанство.
„Или со други зборови, директорот Димовски да ни објасни како е можно секој втор белосветски хохштаплер и криминалец да има македонски пасош и државјанство“, напиша на својот Фејсбук профил претседателот на собраниската Комисија, пратеникот Љупчо Пренџов.
Седницата е закажана за 16 ноември, во 12 часот.
Порталот Призма во петокот објави дека Владата на крајот на мај годинава му дала македонско државјанство на украинскиот политичар Олександр Онишченко, кој е на листата на санкции на Соединетите Американски Држави (САД).
Украинецот Олександр Онишченко сега е македонски репрезентативец во коњички скокови.
Иницијативата да му се даде македонско државјанство на 53-годишниот Украинец, кој инаку има и руски пасош, дошла од Федерацијата за коњички спортови.
Оничшенко станал пратеник во Украина во 2012 година, како дел од „Партијата на регионите“ на поранешниот проруски претседател Виктор Јанукович. По промената на власта во 2014 година, тој станува бизнис-партнер со новиот претседател Петро Порошенко сѐ до 2016 година, кога украинската Антикорупциска комисија отвора предмет против него.
Тој, како заменик-претседател на комисијата за енергенси на Врховната рада, е осомничен дека направил шема за користење на државните средства за набавка на гас во која биле инволвирани голем број лица, меѓу кои и неговата 72-годишна мајка.
Осомничен е дека преку државната компанија за производство и дистрибуција на гас „Нафтогаз“ бил оштетен буџетот за над 100 милиони евра.
Тогаш украинското собрание му го одзема пратеничкиот имунитет, а Онишченко му станува најголем непријател на Порошенко.
Онишченко избегал, прво во Велика Британија, а потоа во Шпанија, од каде што требало да биде екстрадиран во Украина.
Од Шпанија заминал во Германија, но тие одлучиле да не го екстрадираат. Германскиот суд ја укинува потерницата по него и тој е ослободен, меѓутоа Украина сѐ уште го бара.
Во јануари 2021 година, САД воведуваат санкции против него поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори што се одржаа претходната 2020 година“.