Под мотото „Стоп за уништување на студентскиот стандард“, младинското движење на студентите „Студентски отпор“ денеска во 16 часот ќе протестира пред Собранието на Македонија.
Претставници на студентското движење потоа треба да се сретнат со министерот за образование Јетон Шаќири и со пратениците предлагачи на измените на Законот за студентски стандард.
„Студенстки отпор“ бара повлекување на предложените измени на Законот за студентски стандард, изедначување на стипендиите со повисокиот износ, за студентите да не важат антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење на струја, а бараат и подобрување на условите и итна санација каде што е неопходна во студентските домови.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера рече дека е добро да се одржи собраниска седница на која ќе се дискутира за студентскиот стандард.
Пратеничката Моника Зајкова од ЛДП, која е еден од предлагачите на законските измени, се огласи вчера посочувајќи дека не е точно дека некој сака да го укине студентскиот оброк, туку дека се бара трајно и системско решение за тој да функционира како што беше првично замислен, а по моделот кој се применува во Република Словенија.
Зајкова наведува дека Законот за субвенциониран студентски оброк како иницијатива на ЛДП од 2018 година беше едногласно усвоен и од власта и од опозицијата уште во 2020 година, но Министерството за образование и наука не најде можност системски да го имплементира, па лани реши да го менува на начин што се исплаќаа парични средства на трансакциските сметки на студентите без притоа да се има увид дали се трошат за храна или други намени. Како компромис поради реакција на младинскиот сектор и универзитетското собрание се воведе преодна одредба во постоечкиот закон која важеше до почетокот на оваа студиска година.
Таа најавува и дека за да не се губи време во собраниските комисии целосно ќе ги повлечат измените на законот и ќе подготват нов текст во делот на критериумите, усогласен со предлозите на студентските организации.
Предлагачи на измените на Законот за студентски стандард се пратеничките Жаклина Лазаревска и Санела Шкриељ од СДСМ и Моника Зајкова од ЛДП.