Град Скопје вечерва ја додели наградата „13 Ноември“ за 2022 година, на свеченост во Националната опера и балет, по повод Денот на ослободувањето на Скопје.
Добитници на наградата „13 Ноември“ од областа на публицистиката се д-р Игор Радев за особен придонес на полето на книжевно-преведувачката дејност, и Љупчо Јолевски, за четиридецениска интензивна и професионална работа во новинарството.
Јолевски до пензионирањето, пред помалку од два месеци, долги години работеше како новинар во Радио Слободна Европа.
Наградата од областа на образованието и воспитанието ја добија проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска за монографската публикација „Конески како тестамент“ и континуираните остварувања во областа на културата во изминатиот период и проф. д-р Ристо Малчески за покренувaње онлајн платформа www.matematickitalent.mk за време на пандемијата.
Од областа на културата, наградата ја добија Арлинда Калиси за долгогодишен придонес како уредник на културните манифестации и автор на емисијата „MOZAIKU KULTUROR“ и Младинскиот културен центар - Скопје за јубилејот 50 години работа.
Од областа на науката, наградени се проф. д-р Митко Б. Панов за значајни остварувања во науката, како и иницијатор и автор на проектот на културниот настан „ Денови на Јустинијан I“ и проф. д-р Силвана Георгиева за значаен придонес во научно-истражувачката дејност во стоматологијата.
Од областа на уметноста, наградени е актерот Тони Михајловски за повеќегодишни достигнувања како театарски и филмски актер.
Од областа на хуманитарната активност, наградата ја доби Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“ и Хуманитарната организација „Свети Спас“ – Скопје.
Од областа на здравствената заштита, наградите ги добија проф. д- р Смиља Туџарова Ѓоргова и д-р Соња Бојаџиева.
Од областа на заштита и унапредување на животната средина и природата, наградата ја добија Група творци – Тим Доза Среќа: Ања Цветковиќ, Никола Стојановски, Денис Димитров, Дарко Ефтимовски, Илина Георгиева, Коста Аризанов, Христијан Стојанов, Викторија Блажевска и д-р Драган Јованов.
Од областа на спортот, наградата ја доби Дејан Георгиевски за сребрениот медал во теквондо на Олимписките игри кои се одржаа оваа година во Токио и Ракометниот клуб Вардар 1961.
Наградени ученици и студенти се Алексиј Тасиќ, Ангела Костуранова и Ејрона Азизи.