Ердоган – Подмолен напад во Истанбул, 6 мртви и 53 повредени

Увид на местото на експлозијата

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека во експлозијата во Истанбул загинале 6 луѓе, а 53 се повредени, пренесува Франс прес.

Ердоган, која ја оцени експлозијата како „подмолен напад“, во директното обраќање на турската телевизија рече дека станува збор за терористички напад.

„Првите согледувања укажуваат на терористички напад“, рече турскиот претседател и додаде дека била „вмешана една жена“, не наведувајќи други детали.

Силна експлозија одекна попладнево во прометна пешачка улица во центарот на Истанбул.

Претходно беше соопштено дека има 4 загинати и 38 повредени.

Веднаш по експлозијата почнаа да кружат гласини дека се работи за самоубиствен напад, но нема докази ниту потврди за таа информација.

После првите извештаи на медиумите, турската агенција за надзор на медиумите воведе привремена забрана за известување за експлозијата, потег кој ги спречува медиумите да пренесуваат видеоснимки од моментот на експлозијата или од нејзините последици.

Таа агенција и во минатото воведуваше слични забрана после напади или несреќи.

Турција беше мета на бомбашки напади меѓу 2015 и 2017 година од џихадисти од Исламската држава и од забранетите курдски организации.

Ниту еден македонски државјанин не побарал помош од МНР по експлозијата во Истанбул

Досега не се пријавени наши државјани кои побарале помош по експлозијата во Истанбул, информира Министерството за надворешни работи (МНР).

„Министерството за надворешни работи со крајно загриженост ја следи ситуацијата по последната трагична експлозија во Истанбул и во вонредна функција се ставени Генералниот конзулат во Истанбул како и Амбасадата во Анкара. При евентуална потреба за помош нашите државјани може да нѐ контактираат на дежурните телефонски броеви: +905456149777 во Истанбул и +38975273732 во Скопје, велат од МНР.

Сочувство од премиерот Ковачевски за загинатите во експлозијата во Истанбул

Премиерот Димитар Ковачевски упати сочувство до турскиот народ за загинатите во денешната експлозија во Истанбул.

„Упатувам длабоко сочувство до братскиот турски народ, до семејствата на загинатите, до градоначалникот на Истанбул и до турскиот претседател по денешната експлозија во срцето на Истанбул“, напиша Ковачевски на Твитер.

Експлозијата се случила нешто по 16 часот по локално време, кога улицата, популарна кај туристите и кај локалното население, била преполна.