Четворица загинати и 38 повредени во експлозија во Истанбул

Гувернерот на Истанбул Али Јерликаја денеска изјави дека четири лица загинале, а 38 се повредени во силна експлозија која попладнево се случила во прометна пешачка улица во центарот на Истанбул.

Како што претходно објавија турските медиуми, експлозијата се случила нешто по 16 часот по локално време, кога во улицата имало многу луѓе.

Засега не се споменува причина за експлозијата. Петмина обвинители се одредени за истрагата.

На видеоснимките на социјалните мрежи се гледа пламен и пешаци кои бегаат, како и возила на итна помош и полиција.

Турскиот огранок на американската телевизија Си Ен Ен објави дека улицата е популарна меѓу туристите и локалното население, зашто во неа има низа продавници и ресторани.

После првите извештаи на медиумите, турската агенција за надзор на медиумите воведе привремена забрана за известување за експлозијата, потег кој ги спречува медиумите да пренесуваат видеоснимки од моментот на експлозијата или од нејзините последици.

Таа агенција и во минатото воведуваше слични забрана после напади или несреќи.

Турција беше мета на бомбашки напади меѓу 2015 и 2017 година од џихадисти од Исламската држава и од забранетите курдски организации.