Министрите за здравство и финансии од Г20 стартуваа фонд од 1,4 милијарди долари за борба против наредната голема пандемија, во пресрет на собирот на лидерите на блокот на Самит на индонезискиот остров Бали.
„Г20 се согласува да изгради фонд за пандемија за да се спречи и подготви за пандемија. Донаторите од Г20, земји кои не се членки на Г20, како и филантропски организации дадоа придонес во средства. Но, тоа не е доволно“, рече претседателот на Индонезија Џоко Видодо во видеообраќање на денешната конференција за новинарите.
Тој наведе дека за борба против наредната глобална пандемија ќе бидат потребни 31 милијарди долари.
Главни донатори во фондот се Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија, Индија, Кина, Франција, Канада, Австралија и Јапонија.
САД во овој фонд вложија 450 милиони долари, скоро една третина од вкупниот износ. Американската министерка за финансии Џенет Јелен претходно изјави дека заедничкиот фонд е пример за она што Г20 може да го стори за решавање на глобалните проблеми.
Индонезија во еден момент беше епицентар на пандемијата со Ковид-19, кога бранот случаи на заразени со делта сојот ја погоди земјата кон средината на 2021 година. Индонезија произведе сопствена вакцина против вирусот, зашто земјите со пониски приходи станаа фрустрирани што развиените земји натрупуваа вакцини за своите граѓани.
Фондот од 24 земји се смета за еден од првите резултати од Самитот кој ќе биде одржан наредната недела, но на кој се очекува мал напредок околу прашањата поврзани со војната во Украина. Рускиот претседател Владимир Путин нема да присуствува.