Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека ќе настојува да воспостави „црвени линии“ во тешките односи на Америка со Пекинг на разговорите со својот кинески колега Си Џинпинг.
Бајден рече дека во понеделник, на маргините на Самитот Г20 во Индонезија, влегува посилен по успехот на неговата Демократска партија на изборите за Сенатот на средината на мандатот.
Вашингтон и Пекинг се во конфликт околу низа прашања – од трговијата со човековите права во кинескиот регион Синџијанг и статусот на островот Тајван. Бајден рече дека очекува искрени разговори со Си.
„Го знам Си Џинпинг, тој ме познава мене“, додаде Бајден, велејќи дека секогаш имале „директни разговори“.
Двајцата лидери се познаваат повеќе од една деценија, уште од времето кога Бајден беше потпретседател, но в понеделник за првпат ќе се сретнат во своите сегашни улоги.
„Имаме многу малку недоразбирања. Мора само да сфатиме кои се црвените линии“, рече Бајден.
Претставници на Белата куќа велат дека Бајден ќе ја поттикне Кина да го искористи своето влијание за да ја заузда Северна Кореја, откако Пјонгјанг изведе рекордна серија ракетни тестови, што ги засили стравувањата дека наскоро ќе ја изведе својата седма нуклеарна проба.
Бајден в недела ќе се сретне со својот јужнокорејски колега Јун Сук-јеол и со јапонскиот премиер Фумио Кишида, за да разговараат за начините на решавање на заканите од севернокорејската ракетна програма.
Кина е главен сојузник на Пјонгјанг и американските претставници велат дека Бајден, иако нема да поставува барања, ќе го предупреди Си дека понатамошното трупање ракети и нуклеарно оружје ќе значи дека САД ќе го засилат своето воено присуство во регионот. Пекинг остро се противи на тоа.
САД сакаат да го засилат своето влијание во југоисточна Азија како противтежа на Кина.
Кина во последните години „ги развиваше своите мускули“ низ трговија, дипломатија и воена моќ во регионот на кој гледа како на свое стратешко подрачје.
Додека Бајден оди на состанок со Си, охрабрен од добрите резултати на изборите, Си минатиот месец беше избран во трети мандат како врховен лидер на Конгресот на Комунистичката партија на Кина.