Опозициски протест во Тирана, Бериша и Мета му порачаа на Рама дека ќе заврши во затвор

Антивладин протест во Тирана

Под слоганот „Албанија во опасност, заедно да излеземе од неа“, албанската опозиција, Демократската партија предводена од Сали Бериша и Партијата на слободата на Илир Мета, синоќа одржаа протест пред владата во Тирана.

Двајцата му порачаа на премиерот Еди Рама дека „набрзо ќе се најде пред лицето на правдата и дека го очекува затвор“, јави дописничката на МИА од Тирана.

Пред илјадниците демонстранти од сите делови на земјата се обратија претставници на партиите, граѓански активисти, културни работници, пратеници, во чии говори заеднички именител беше дека „владата на Рама мора да падне за да се спаси Албанија и албанскиот народ“.

Последен се обрати Бериша кој рече дека „по Енвер Хоџа, Еди Рама е најжестокиот непријател на нашите слободи“.

Тој ги повика меѓународните претставници да не го поддржуваат „режимот на Рама“ и предупреди дека без „слободно даден глас нема стабилна Албанија“.

За безбедноста беа ангажирани повеќе од илјада полициски службеници од сите сектори, како и припадници на Националната гарда. Влезната врата на владиниот објект беше заштитена со метални профили, а на многу места долж булеварот „Национални херои“ беа поставени камери со висока резолуција. Зголемено беше обезбедувањето и пред Парламентот и други државни институции.

Освен неколкуте моменти што се случија на крајот на тричасовниот протест, кога дел од учесниците го пробија полицискиот кордон и се качија на скалите пред влезната врата на владиниот објект, палеа свеќи и фрлија боја на објектот и приведувањето едно лице, на протестот немаше инциденти.

Ова беше втор протест организиран од Демократската партија по оној на 7 јули, но беше многу помасовен.