Крајниот рок за визна либерализација за Косово поместен за 1 декември 2023

Илустрација: Косовски пасоши

Рокот за укинување на Шенген визите за Косово се поместува од 1 ноември на 1 декември 2023 година, и тој датум би бил дефинитивен, без разлика дали дотогаш ќе профункционира Европскиот систем за информации и овластувања за патување (ЕТИАС).

Чешкото претседателство со Европската унија (ЕУ) подготви нова предлог-одлука за визна либерализација за Косово, во која датумот на кој визната либерализација ќе почне да се применува е поместен од 1 ноември за 1 декември следната година.

Радио Слободна Европа имаше увид во предлог-одлуката.

Според дипломатски извори, ваквото одложување на датумот кога би стапила на сила визната либерализација за Косово се аргументира со фактот дека за сигурно сакаат да им овозможат на косовските граѓани да можат да патуваат без визи во Шенген зоната, доколку, како што е планирано, ЕТИАС не е целосно функционален на 1 ноември.

Во спротивно, во случај на технички проблеми кои би ја одложиле функционалноста на ЕТИАС, ЕУ дозволува укинување на визите за Косово најдоцна на 1 декември и со тоа, според овие извори, Косово нема да ги трпи последиците од евентуалните одложувања на европско ниво.

Косово е единствената земја на Западен Балкан чии граѓани не уживаат слобода на движење во европските земји. Србија, Црна Гора и Македонија немаат визен режим од декември 2009 година, а Албанија и Босна и Херцеговина се префрлија на таканаречената бела Шенген листа во декември 2010 година.