Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска ја обвини Москва за „игра на глад“ со светот, зашто го кочи извозот на житарици до украинските црноморски пристаништа.
На маргините на самитот на Асоцијацијата на земји од Југоисточна Азија (АСЕАН), Кулеба ги повика државите во тој регион политички и материјално да ја поддржат Украина.
Тој пред новинарите рече дека светот треба да изврши притисок врз Русија да не се откажува од договорите за извоз на храна, зашто украинските земјоделски производи се клучни во Африка и во Азија.
Тој исто така ги обвини руските инспектори за „тивка саботажа“, односно дека намерно ги одолговлекуваат испораките.
По потпишувањето на договорот, со посредство на ОН и Турција, беше формиран тим од руски, украински, турски и инспектори од ОН, кои го надгледуваат извозот на храна.
„Русија би требало, односно мора да престане да игра игра на гладта со светот“, рече Кулеба.
Украина за првпат е поканета на Самит на АСЕАН, каде што членуваат Камбоџа, Филипини, Малезија, Индонезија, Лаос, Сингапур, Тајланд, Виетнам, Брунеи и Мјанмар. Сепак, на лидерите на Мјанмар не им е дозволено да учествуваат поради актуелната состојба во земјата.
Неколку членки на АСЕАН досега беше резервирани по прашањето на руската инвазија, тие ја осудуваат војната, но се обидуваат да избегнат осуда на руска страна.
Осум од 10 земји-членки на АСЕАН гласаа за резолуцијата на Генералното собрание на ОН со која се осудува руската агресија, а Виетнам и Лаос беа воздржани.