Борел: Нормализација на односите меѓу Косово и Србија е клучно за напредокот кон ЕУ

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел

Косовските Срби треба веднаш да се вратат во институциите на Косово и да продолжат со своите должности, а Косово треба да ги усогласи процедурите за регистарски таблички со претходните договори од Дијалогот и да започне преговори за формирање Заедница на општини со мнозинско српско население без понатамошно одлагање.

Овие обврски, преземени во рамките на Дијалогот, остануваат валидни и обврзувачки, се вели во соопштението на ЕУ по денешните одвоени средби во Париз на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел со српскиот претседател Александар Вучиќ и со косовскиот премиер Албин Курти.

Борел и Курти разговараа за динамиката на дијалогот меѓу Косово и Србија, за спроведувањето на одлуката за регистарските таблички на северот на Косово и за последните настани во Косово. На средбата присуствуваше и специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак.

Високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска на маргините на Парискиот мировен форум на одвоени состаноци се сретна со косовскиот премиер Албин Курти и со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Борел за средбите рече дека сегашното геополитичко опкружување уште повеќе прави императив за да се надминат наследствата од минатото и за вклучување во значајни преговори за она што навистина е важно за Косово, Србија, нивниот народ и за целиот регион.

„А тоа е нормализација на односите меѓу двете страни како клучен фактор за напредок на нивниот европски пат“, се вели во соопштението на ЕУ.

Според соопштението на косовската Влада, Курти на оваа средба ги „нагласил елементите на рамковниот договор за целосна нормализација на односите со фокус на „взаемно признавање“ и го опишал француско-германскиот предлог како „добра основа за понатамошни разговори“.

„Не смееме да ги одложуваме разговорите за правно обврзувачки договор додека ги решаваме актуелните прашања“, напиша Курти на Твитер.

„Разговарајќи за неодамнешните настани на северот на земјата, премиерот Курти повтори дека Владата на Република Косово покажала решителност за владеење на правото и посветеност на зачувување на мирот и безбедноста во земјата“, се вели во соопштението на Владата на Косово.