Киев денеска го поздрави најавеното повлекување на Русија од јужниот украински град Херсон, како уште еден клучен успех на бојното поле во операцијата на Украина за ослободување на територијата окупирана од Москва по нејзината инвазија во февруари.
„Украина добива уште една важна победа во моментов и докажува дека што и да каже или направи Русија, Украина ќе победи“, напиша на Твитер министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба при што објави видео на кое наводно се прикажани жители на Херсон како отстрануваат билборд на кој пишува „Русија е тука засекогаш“.
Русија денеска соопшти дека го завршила повлекувањето на своите трупи од стратешкиот јужен град, два дена откако Москва го објави изненадувачкото повлекување.
Регионален пратеник денеска изјави дека украинските вооружени сили се во последната фаза на враќање на западниот брег на реката Днепар од руските трупи.
Серхи Клан, заменик на Регионалниот совет на Херсон, рече дека украинското знаме е подигнато во Херсон, бидејќи повеќе видеа кои кружат на социјалните мрежи наводно покажуваат дека украинските војници го поставуваат своето жолто-сино знаме на административните згради во градот, а локалните жители слават.