Косовската претседателка закажа консултации за распишување избори за градоначалници на северот на Косово

Претседателката на Косово Вјоса Османи.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, закажа консултации со политичките партии за 14 ноември за одредување на датум за нови вонредни избори за градоначалници во четирите општини на северот на Косово: Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан.

Претседателите на овие општини со српско мнозинство, кои доаѓаат од редовите на Српската листа, поднесоа оставки од функцијата за да се спротивстават на одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата со таблички РКС (Република Косово), од оние што ги издава Србија за градовите на Косово.

Во соопштението на Претседателството се наведува дека датумот на новите избори ќе биде одреден по консултација со политичките партии, кои се застапени во Собранието на Косово.

Законот за локални избори во Косово предвидува дека по распуштањето на Советот на општината, со услов во рок од пет дена да не биде поднесена жалба до Уставниот суд, вонредни локални избори да распише претседателот на Косово.

Изборите се распишуваат најдоцна десет дена по распуштањето на Собранието на општината и мора да се одржат во рок од 30 до 45 дена од распуштањето на Советот на општината.

Оставки во косовските институции поднесоа и пратеници во Собранието на Косово и во Владата.

Исто така, вчера на 10 номеври Централната изборна комисија на Косово предложи замени за пратениците во оставка.

Исто така, припадниците на српската заедница колективно ги напуштија правосудните институции на северот на Косово, како и косовската полиција.

Ваква одлука е донесена откако директорот на полицијата за северниот регион Ненад Ѓуриќ беше суспендиран бидејќи одбил да ја спроведе одлуката на Владата за пререгистрација на автомобилите.

Владата на Косово од 1 ноември почна да го спроведува планот за пререгистрација на возила издадени од Србија за градовите во Косово. Главно се работи за табличките КМ (Косовска Митровица) и планот е преку три фази да се префрлат во РКС, односно од април следната година да се користат само табличките РКС (Република Косово).

Во меѓувреме, косовскиот премиер ги повика припадниците на српската заедница да не ги напуштаат институциите,додека официјален Белград кој ја поддржува Српската листа, поддржа и напуштање на институциите.