Косовскиот премиер Албин Курти во Париз се сретна со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел. Тие разговарале за динамиката на дијалогот меѓу Косово и Србија, спроведувањето на одлуката за регистарските таблички на северот на Косово и последните настани во Косово. На средбата присуствувал и специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак.
Според соопштението на косовската Влада, Курти на оваа средба ги „нагласил елементите на рамката на договорот за целосна нормализација на односите со взаемно признавање“ и го опишал француско-германскиот предлог како „добра основа за понатамошни разговори“.
Разговарајќи за неодамнешните настани на северот на земјата, премиерот Курти, според соопштението, повторил дека Владата на Република Косово покажала решителност за владеење на правото и посветеност на зачувување на мирот и безбедноста во земјата. Денеска предвидено е Борел да се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, рече дека овие состаноци се „обиди да се помогне во деескалација на ситуацијата, смирување на сегашните тензии и унапредување на бриселскиот дијалог“.