Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ во денеска изјави дека основите на француско-германскиот план за Србија се неприфатливи бидејќи планот најпрво тргнува од фактот дека Косово е независно.
Германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 3 ноември во Берлин зборуваа за постоењето на таканаречениот француско-германски план. Фон дер Лајен потврди дека овој план сега е „интегриран во процесот на дијалог“.
Добрососедските односи меѓу Косово и Србија ќе се засноваат на еднакви права, се вели во документот што го објави медиумската мрежа специјализирана за политиките на Европската унија- Еурактив. Овој медиум пренесува дека се работи за таканаречен германско-француски план за решавање на спорот меѓу Србија и Косово.
Претставниците на ЕУ не сакаат да ја коментираат содржината на планот. Сепак, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, минатата недела потврди дека Белград и Приштина го добиле овој план и веќе ги доставиле своите коментари до европските претставници.
За постоењето на француско-германскиот план прв проговори српскиот претседател Александар Вучиќ. На 8 октомври тој изјави дека Франција и Германија претставиле предлог Србија да дозволи влез на Косово во меѓународните институции и организации, вклучително и Обединетите нации во замена за брзото членство на Србија во ЕУ.
Дачиќ рече дека Србија не може да поддржи политичко решение за тоа како треба да изгледа Косово како независна држава доколку не и се реши прашањето за независност.
„Нашите одлуки за воведување санкции кон Русија и директно и индиректно имаат влијание врз нашата позиција во однос на Косово, ако го направиме тоа малку ќе ги налутиме нашите традиционални пријатели“, рече Дачиќ во гостувањето на ТВ Пинк.
Тој додаде дека Србија треба да подаде рака на сите делови на светот и дека треба да биде насочена кон своите национални интереси.
„Србија многу ризикува со воведувањето санкции против Русија, нема гаранција дека нема да ги загрози нејзините национални интереси. Немаме гаранција од некој од Западот дека овие интереси ќе бидат заштитени“, рече шефот на српската дипломатија.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србија може да го промени ставот за воведување санкции против Русија само доколку, „Дамоклов меч буквално и виси над глава“.