Ескобар - Косово да ги исполни условите за табличките и Заедницата на српски општини

КОСОВО: Специјалниот пратеник на САД Габриел Ескобар на 19 октомври 2022 година во Приштина

Американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар вели дека Косово мора да ги исполни барањата на западните земји во однос на регистарските таблички и формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО).

Тој во интервју за Гласот на Америка на албански јазик, како многу опасна ја оцени ситуација на северот на Косово, каде во локалните институции сè уште има вработени Срби, кои беа повлечени поради несогласување со владината одлука за пререгистрација на регистарските таблички издадени од Србија.

Ескобар вели дека повлекувањето на Србите од косовските институции е бескорисно. Тој ги повика косовските власти да го стават на дневен ред прашањето за ЗСО.

Говорејќи за српската страна, американскиот функционер рече дека секој протест треба да биде мирен.

„Повлекувањето на Србите од косовските институции не е корисно. Ги повикувам партиите да бидат подготвени веднаш да ги исполнат овие прашања“, додаде Ескобар.

Тој нагласи дека и покрај резултатите од изборите во вторник во САД, нема да има промена во американскиот пристап кон Западен Балкан.

„Нашиот став за Западен Балкан е дека регионот треба да се интегрира во заедницата на западните демократски земји, што значи членство во Европската унија за сите, членство во НАТО за оние кои сакаат и регионална интеграција за сите да помогне во решавањето на разликите помеѓу нив. Значи ништо нема да се промени како резултат на изборите“, рече Ескобар, нагласувајќи дека САД остануваат посветени на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан