Шампањско и политика
УКРАИНА - Групата за човекови права Амнести интернешенел ја обвини Русија дека извршила воени злосторства и „веројатни“ злосторства против човештвото, преку присилното префрлање и депортирање на цивили од Украина.
МАКЕДОНИЈА - Уставниот суд оформи предмети за бугарските здруженијата „Иван Михајлов“ и „Борис Трети“ во кој се оспорени Статутот и програмите на здруженијата, информираат од Судот. И двата предмети се наоѓаат во рана фаза. Предметите се распределени кај судии кои ќе треба да изработат реферат со конкретен предлог, по што Уставен суд ќе одлучува на седница.
КОСОВО - Се чини дека членовите на работната група за визи на Европската унија ги приближија ставовите и постигнаа договор за компромисен текст, според кој визната либерализација за Косово ќе стапи на сила најдоцна од 1 ноември следната година и во случај до тој датум да не биде потполно во функција дигиталниот систем.
СРБИЈА - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека не верува оти во Париз ќе се сретне со косовскиот премиер Албин Курти. Претходно, косовскиот премиер изјави дека на 10 ноември во Франција би можело да се одржи средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. И двајцата политичари учествуваат на Форумот за мир на покана на францускиот претседател Емануел Макрон.
МАКЕДОНИЈА - Фирмите кои со манипулации влегле на регулираниот пазар за снабдување со струја, од јануари автоматски ќе бидат вратени на слободниот пазар, вели соработникот за енергетика во Владата Виктор Андонов.
МАКЕДОНИЈА - Владата донесе одлука да ја замрзне цената на пелетите на 27.000 денари за тон, информира министерот за економија Крешник Бектеши.
„Во анализите за октомври просечната увозна цена за тон пелети е 22.940 денари, а цената која ја замрзнавме е 27.000 илјади денари по тон“, рече Бектеши на денешната средба со новинарите.
ХРВАТСКА - Европскиот парламент денеска го поддржа приемот на Хрватска во Шенген зоната, а конечната одлука им е препуштена на лидерите на владите на Европската унија (ЕУ). Со мнозинство од 534 против 53, парламентот гласаше за укинување на преостанатите гранични контроли меѓу Шенген зоната и Хрватска.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британската влада денеска соопшти дека замрзнала средствата во вкупна вредност од 20,5 милијарди долари што ги поседуваат руски олигарси, други поединци и субјекти санкционирани поради инвазијата на Москва на Украина. Замрзнатите руски средства се за 6,8 милијарди долари повеќе од износот пријавен во сите други британски изрекувања на санкции.
МАКЕДОНИЈА - Наздравувајќи со шампањ, премиерот Димитар Ковачевски, министерот за здравство Беким Сали и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри го отворија новиот дијагностички центар опремен со апарати за магнетна резонанца во Градската општа болница „8-ми Септември“.
УКРАИНА - Украинските сили ги одбија новите руски напади во источниот регион Доњецк, каде што Москва продолжува со офанзивата во насоките Бахмут и Авдијевка, соопшти утрово Генералштабот на украинските вооружени сили, додека пак највисокиот американски генерал предупреди за „огромната количина“ страдања и жртви што војната им ги донесе на Украинците.