Претседателот на Соединетите американски држави (САД), Џо Бајден и претседателот на Кина Си Џинпинг ќе се сретнат на 14 ноември на маргините на Самитот на Групата 20 следната недела во Бали, Индонезија, соопшти Белата куќа.
Тоа ќе биде прва средба лице в лице меѓу лидерите на двете најголеми светски економии откако Бајден стана претседател во јануари 2021 година. Средбата доаѓа неколку недели откако на Си му беше доделен трет, петгодишен мандат како лидер на кинеската Комунистичка партија на национален конгрес на партијата.
„Лидерите ќе разговараат за напорите да се одржат и да се продлабочат линиите на комуникација меѓу Соединетите Држави и Кина, преку одговорно управување со конкуренцијата и околу тоа заеднички да работат таму каде нашите интереси се се усогласени, особено транснационалните предизвици што ја засегаат меѓународната заедница“, соопшти Белата куќа.
Средбата се одржува во ек на длабоко затегнатите кинеско-американски односи, особено откако претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси во август го посети Тајван, остров кој Пекинг го смета за своја територија.
„Очекувам претседателот да биде искрен во врска со нашите бројни грижи, вклучително и кинеските активности кои го загрозуваат мирот и стабилноста низ Тајванскиот теснец, како и нашата долгогодишна загриженост за кршењето на човековите права“, рече висок претставник на американската администрација.
Тој изјави дека се очекува да се разговара за руската агресија врз Украина, како и кон Северна Кореја.