Процесот за избор на контролори на летање се одвива нормално и се очекува да заврши наскоро во предвидениот рок, реагираат од М-НАВ, националниот давател на услуги за воздухопловна навигација.
Од М-НАВ ги отфрлаат тврдењата на Синдикатот за контролори за летање.
Од Синдикатот претходно рекоа дека се сомневаат оти директорите во М-НАВ сакаат да го поништат изборот на луѓе кои ќе се обучуваат за контролори за летање, бидејќи нивните деца, а и деца на високи политичари не се меѓу избраните кандидати.
„Не се точни тврдењата и шпекулациите дека ние како институција не им веруваме на данските експерти, напротив имаме одлична соработка со нив и нивното меѓународно реноме. Исто така, не се точни тврдењата дека Управниот одбор има дадено изјава дека го оспорува изборот на 8-те кандидати или дека кандидатите не се вистинскиот избор, напротив процесот не е едноставен и се спроведува според акциониот план на М-НАВ“, наведува М-НАВ во демант на тврдењата на Синдикатот.
Темата ја отвори порталот СДК.МК. Според пишаното, тројцата членови на управниот одбор на македонската контрола на летање М-НАВ и директори во агенцијата: Фахрудин Хамиди, Миѓан Селмани и Влатко Крстевски, сакаат да го поништат огласот за контролори на летање, зашто од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, меѓу кои не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ.
Од Владата, пак, велат дека според информациите што ги имаат, постапката за избор на кандидати за обука на контролори на летање е се уште во тек, како и дека М-НАВ, е институција со сопствени тела за менаџирање, програма за работа, начин на одлучување и буџет, којашто е обврзана да ги следи строгите правила во воздушниот сообраќај.