Уставниот суд оформи предмети за бугарските здруженијата „Иван Михајлов“ и „Борис Трети“ во кој се оспорени Статутот и програмите на здруженијата, информираат од Судот.
И двата предмети се наоѓаат во рана фаза. Предметите се распределени кај судии кои ќе треба да изработат реферат со конкретен предлог, по што Уставен суд ќе одлучува на седница.
Подносител на иницијативата за здружението „Иван Михајлов“, е политичката партија „Левица“. Подносител на иницијативата за „Цар Борис Трети“ е адвокатот Тони Менкиновски.
И во двете иницијативи се наведува дека Статутите и програмите на здруженијата се противуставни и дека се насочени кон разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост.
Здружението Културен центар Иван Михајлов Битола е формирано во март 2019, а клубот Иван Михајлов ВМРО беше отворен во април годинава. Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари Цар Борис Трети Охрид е основано во ноември 2021, а во октомври годинава беше отворен истоимениот клуб во центарот на Охрид.
Отворањето на клубовите со имиња на контроверзни ликови наиде на реакции, протести и незадоволство кај македонската јавност и кај политичарите.
Собранието на 2 ноември годинава изгласа измени на Законот за здруженија и фондации со кои здруженијата имаат рок од три месеци да ги усогласат своите имиња или ќе бидат избришани од Централниот регистар.