Групата за човекови права Амнести интернешенел ја обвини Русија дека извршила воени злосторства и „веројатни“ злосторства против човештвото, преку присилното префрлање и депортирање на цивили од Украина.
Во извештајот на организацијата објавен на 10 ноември се наведува дека Русија и властите наметнати од Русија ги принудиле цивилите да поминат низ „навредлив“ процес на проверка познат како филтрација, при што некои биле произволно притворени, биле предмет на тортура или друго малтретирање и разделени од нивните деца.
Во извештајот се вели дека документирале случаи во кои членовите на одредени групи, вклучително и деца, стари лица и лица со попреченост, биле насилно префрлени во други украински региони контролирани од руските трупи или илегално префрлени во Русија.
Во еден од случаите, една жена била одвоена од нејзиниот 11-годишен син за време на проверката, била приведена и потоа не биле споени, што е јасно кршење на меѓународното хуманитарно право.
„Одвојувањето на децата од нивните семејства и принудувањето на луѓето да се оддалечат на стотици километри од нивните домови се дополнителен доказ за тешкото страдање што руската инвазија им го нанесе на цивилите во Украина“, вели во соопштението Агнес Каламар, генерален секретар на Амнести интернешенел.
Амнести интернешенел соопшти дека постојано бара окупаторските руски трупи и официјалните лица одговорни за целосната агресија врз Украина да бидат повикани на одговорност.
Од организацијата ги повикаа светските влади да побараат од Русија да го запре принудното префрлање и произволното притворање на цивили од Украина.
Русија ја започна својата инвазија на Украина кон крајот на февруари.