Владата ја ограничи цената на пелетите, трговците предупредуваат дека нема да има

Пелети за огрев.

Владата донесе одлука да ја замрзне цената на пелетите на 27.000 денари за тон, информира министерот за економија Крешник Бектеши.

„Во анализите за октомври просечната увозна цена за тон пелети е 22.940 денари, а цената која ја замрзнавме е 27.000 илјади денари по тон“, рече Бектеши на денешната средба со новинарите.

Во замрзнатата цена, како што рече, се предвидени трошоците за ДДВ и транспорт, како и одредена маржа за трговците.

„Има разлика од повеќе од 4.000 денари по тон што сметам дека е солидна разлика за трговците да не се во загуба и да ги покријат сите режиски трошоци“, прецизира Бектеши.

Продажната цена по килограм пелети во земјава сега е околу 55 денари, а со замрзнувањето ќе биде 27 денари за килограм.

Националното здружение на производители и дистрибутери на продукти од биомаса „Биомак Енерџи“, пак, предупреди дека од 1 декември ќе снема пелети на пазарот, зашто со овие цени никому не му се исплати да увезува. Претседателот на здружението Владимир Стојановски рече дека 80 отсто од пелетите се од увоз, а увозните цени сега се од 27,5 до 31 денари.

„Солуцијата која ние ја нудиме сега е да се врати претходната мерка којашто исто така била репресивна, а тоа е ограничување на маржата на 10 проценти. Доколку остане во сила сегашната мерка, од 1 декември нема да има нови количества на пелети на пазарот“, рече претседателот на здружението Владимир Стојановски.

Тој нагласи дека во услови кога Владата го субвенционира градското парно со 18 милиони евра, тие побарале субвенции од државата за граѓаните кои се греат на пелети и огревно дрво, но досега не добиле одговор.

Според податоците на Здружението, околу 40 до 45 илјади домаќинства се греат на пелети.