МОН – Школите да изнајдат начин како да се надоместат часовите поради дојавите за бомби

Полиција пред средно училиште во Скопје, по лажна дојава за поставена бомба, 26 октомври, 2022

Средните училишта во кои имаше дојави за бомби, треба да најдат начин како да се надоместат пропуштените часови и тоа да се направи до крај на првото полугодие, велат од Министерството за образование и наука (МОН).

Заканите за поставени бомби во средни училишта во Скопје стартуваа на 26 октомври, по што наставата во школите се прекинуваше и учениците се евакуираа. Во сите случаи досега се покажа дека станува збор за лажни дојави за бомби.

Според МОН, местото на учениците е во училишните клупи и секој прекин на наставата го попречува нивниот правилен развој. Затоа, додаваат од Министерството, во координација со МВР, локалните самоуправи, раководствата на училиштата и низа партнерски домашни и меѓународни организации континуирано се работи на нивна заштита преку подигнување на безбедноста во училишните објекти.

Од Министерството се надеваат дека наскоро ќе бидат пронајдени виновниците за дојавите за бомби и дека соодветно ќе бидат казнети.