Можни се неочекувани испади во наредниот период на енергетските производствени капацитети поради зголемената потрошувачка на струја и временските услови, велат од Владата. Земјава располага со енергетски капацитети за производство на струја кои се стари повеќе од половина век.
Виктор Андонов, советник за енергетика во Кабинетот на премиерот.
денеска на прес-конференција повторно апелираше да се штеди струја.
Вчера државното претпријатие Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) произвело 10.756 мегават часа на струја, од кои 7.800 се произведени во термоелектраните, додека останатите 2.956 од обновливи извори на енергија односно од хидроелектраните и од ветерниот парк. ЕСМ вчера купила 2.400 мегават часови струја.
„Граѓаните, компаниите и институции да посветат уште поголемо внимание на штедење на електрична енергија. Да не се опуштаме во периодот што ни претстои. Мораме да бидеме внимателни, одговорни и рационални“, порача Андонов.
Министерот за економија, Крешник Бектеши рече дека одлучиле да набават струја бидејќи тоа во моментов е поевтина варијанта отколку да работи ТЕЦ „Неготино“.
Цената на електрична енергија на берзите чини околу 200 евра за мегават час, а ако ТЕЦ „Неготино“ произведе струја би чинело повеќе од 240 евра за мегават час, заради актуелната цена на мазутот.