М-НАВ е институција која има сопствени тела за менаџирање, програма за работа, начин на одлучување и буџет, велат од Владата како коментар на случувањата во М-НАВ по објавите за оставки и за оспорување на конкурсот за контролори на летање
„Според информациите кои ги има Владата, постапката за избор на обука на кандидати за контролори на летање е се уште во тек. Согласно со меѓународните стандарди, М-НАВ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Евроконтрол и на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на којшто е членка“, изјави портпаролот на Владата Душко Арсовски.
Проблемот се отвори откако тројцата членови на управниот одбор на македонската контрола на летање М-НАВ и директори во агенцијата: Фахрудин Хамиди, Миѓан Селмани и Влатко Крстевски, сакаат да го поништат огласот за контролори на летање, зашто од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, меѓу кои не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ, објави порталот СДК.МК.
На 20 ноември истекуваат 90 дена од објавувањето на огласот, а избраните кандидати требаше да ја почнат обуката за која селекција прави данка компанија, уште пред седум дена.
Претходно денеска Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ),изјави дека како синдикат и како професионалци нема да отстапат од намерата за целосно спроведување на конкурсот за контролори на летање во М-НАВ како што е по регулативата.
Тој потврди дека вчера до менаџментот на М-НАВ е доставено писмо со кое раководните лица од пониско ниво – помошници директори, раководители на сектори, главни инструктори, експерти, побарале да бидат разрешени, а како реакција на тоа што, како што вели, се уште не е почната обуката по завршената селекција на кандидатите за контролори на летање во М-НАВ, што ја поминале 12 од 250 пријавени апликанти.
Како што објаснува, компанија на која државава и делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во земјава, уште не одобрила да почне обуката на избраните кандидати, иако за изборот била задолжена лиценцирана фирма од Данска.
„Во целиот избор се вклучивме како набљудувачи за да бидат избрани навистина квалитетни кандидати, како што беа од претходната класа. Изборот се одвиваше со примена на алатка (FEAST), со која се прави правилна селекција. Но, се сомневаме дека не се избрани кандидати блиски на менаџментот и на високи политички функционери и сега компанијата се обидува да го поништи целиот процес, да постави нови критериуми за избор за тие да влезат. Со тоа ќе пропаднат парите дадени за целиот процес, кој се одвиваше во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), а можно е да треба да плаќаме пенали“, изјави Тасевски.