Нема селективност во смената на директорите во јавното здравство, смета премиерот Димитар Ковачевски кој најави дека во иднина, кадровските прашања ќе се решаваат според анализите од контролите за работата на менаџерите што ги спроведува Министерството за здравство.
Ваквата изјава доаѓаат по неодамнешните оставки од директорите на Клиники за детски болести и за радиотерапија и онкологија.
„Не постои никаква селективност бидејќи колку што знам на Детската клиника покрај тоа што оставка си поднесе директорката, беше разрешен и економскиот директор. Врз основа на извештаите што ги има министерот за здравство, дел од директорите решиле да се повлечат, а еден бил разрешен. Министерот продолжува во рамки на својата надлежност да ја врши работата и ќе видиме во натамошниот период согласно со анализите што ќе ги добијат, какви чекори во однос на кадровските прашања ќе бидат преземени. Јас не би прејудицирал ништо, но сметам дека тоа што беше направено е во согласност со она што како податоци го имаа самите директори и Министерството за здрвство,“ изјави Ковачевски.
Со контролите, како што информираше министерот за здравство Беким Сали, во првата фаза се испитуваат финансиските неправилности во исплатата на платите на директорите. Тој рече дека кај дел од директорите имало континуирани неправилности.
„Дел од директорите кај кои при управувањето со јавни здравствени установи се забележаа одредени неправилности беше побарано од нив да се повлечат и морам да изразам благодарност дека тука имаше разбирање и се согласија на самоволно повлекување од функцијата, што е многу добар показател за свесноста на еден менаџер да ја прифати грешката која е направена во континуитет“, изјави Сали.
Тој порача дека контролите од страна на Фондот за здравство продолжуваат и понатаму и оти ниту една јавна здравствена установа нема да биде исклучена од оваа фаза на контролирање.
На негово барање на 2-ри месецов оставки поднесоа директорите на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова и на Клиниката за радиотерапија и онкологија Никола Васев. Исто така беше разрешен и организацискиот директор на Универзитетската клиника за детски болести, Аљајдин Мемеди.