Со 50 илјади евра Министерството за животна средина и просторно планирање проверува дали и колку се контаминирани почвата и подземните води на локацијата Пеленица, во населба Драчево каде има депонија на линдан.
Според достапните информации, компанијата ОХИС на оваа локација во 1976 година депонирала одредена количина на HCH- отпад, спакуван во метални буриња кои биле депонирани во две бетонски јами на оваа локација. Сепак, според увидот на терен, линданот не бил складиран во буриња, туку само бил исфрлен во јамите, кои потоа биле затрупани со земја.
Резултати од истражувањето треба да се готови до крајот на годината. Сепак, според информациите од луѓето кои работат на терен, од мерењата со т.н. ХРФ анализаторот, кој веднаш индикативно, приближно ги покажува добрите вредности на хемискиот состав на почвата, се забележува присуство на линдан, односно соединението хексахлороциклохексан.
„Се уште примероците не се испратени за лабараториска анализа, значи контролните сонди се отворени, бушотините се уште не се направени, така да кога ќе се заврши сето тоа, кога ќе се подготват примероците, кога ќе се испратат во лабораторијата и таа ќе каже дефинитивно, нели во поглед на концентрацијата, меѓутоа како прелиминарна мерка во поглед нели ете и на нас да ни даде насоки како да постапиме понатаму во поглед на премерувањето, се користи ХРФ анализаторот, кој што го мери присуството на елементите во почвата, така да може да се каже дека во неколку контролни сонди концентрацијата на хлор е многу голема, што укажува на тоа дека станува збор за хексахлороциклохексан кој е депониран тука“, вели Александар Мицковски, од Канцеларијата на ПОПс, при МЖСПП.
Целта на истражувањето, е да се направи проценка на обемот и степенот на контаминација, да се предложат опции за ремедијација на локацијата и да се проценат трошоците за предложените опции за ремедијација.
Мицковски вели дека според информациите добиени од лица кои работеле во ОХИС или живеат во околината на Пеленица, на местото се закопани околу 8.000 тони линдан. Тој нагласи дека во примероците од почвата чии вредности се измерени со ХРФ анализаторот се забележува голема концентрација на хлор.
И покрај тоа што со години здруженијата кои се занимаваат со заштита на животната средина, како и граѓаните кои живеат во околината на ОХИС, апелираат за опасноста од затрупаниот линдан, беа потребни години за државата да преземе чекори за негово отстранување. МЖСПП во моментов ја чисти малата депонија во ОХИС, а сега се спроведува истражување за загаденоста на Пеленица.