Во наредни три месеци во сите шест јавни здравствени установи во Скопје каде има можност да се направи мамографија нема слободен термин, покажува проверката на Мој Термин. На прашањето од МИА зошто нема термини од Министерството за здравство посочуваат дека се спроведува Националната скрининг програма, додека жените се принудени решението да го бараат во приватните клиники.
Со оваа скрининг програма треба да бидат опфатени жените од 45 до 69 години кои не направиле мамографија во последните две години, како и жените на возраст од 40 до 44 години кои имаат член во семејството со рак на дојка или друг дополнителен ризик фактор.
Оттаму информираа дека со скрининг програмата која започна овој месец, од 1 до 4 ноември се направени мамографии кај 156 жени.
Претседателката на здружението на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова забележува дека Скопје е голем регион и тешко се наоѓаат термини, додека на пример во Велес е полесно и по еден месец може да се најде термин.
„Жените во најголем процент заради нивното здравје и брзата дијагноза мора да одат на приватни специјалисти за да може тоа брзо да се придвижи и да се дојде до отстранување на тие туморозни формации што ги откриваме во нашите ординации“, истакнува таа.
Од друга страна, таа појаснува дека кога матичниот лекар, користејќи ги сите методи во однос на ниво на примарен доктор ќе забележи дека нешто не е во ред, веднаш се издава итен упат со цел брза реакција.
Решение за регулирање на термините, според Чолакова-Дервишова е регулирањето на неограничениот број на услуги што ги нуди здравствениот систем со ограничени средства.
Секоја година над 700 жени во земјава се дијагностицираат со рак на дојка, а мамографијата е еден од најдобрите дијагностички методи за оваа болест.