Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефери Ховениер, ја повика Владата на Косово итно да започне преговори за формирање Заедница на општини со српско мнозинство.
„Предлогот за Здружението мора да биде на маса“, рече Ховениер во разговор со новинарите во Приштина.
Тој ја повика Владата на Косово и да го одложи за десет месеци спроведувањето на одлуката за пререгистрација на возилата од српски со таблички РКС (Република Косово).
„Владата на Косово да не почне да ги казнува возачите кои возат автомобили со српски регистарски таблички“, порача амбасадорот.
Изјавата на Ховениер доаѓа пет дена откако српските претставници ги напуштија косовските институции, вклучително и Парламентот и Владата.
Тој, исто така, додаде дека косовската влада треба да допре до српската заедница, со надеж дека нејзините претставници ќе се вратат во косовските институции.
„Сите сме загрижени за ситуацијата на северот на Косово, бидејќи таа има потенцијал да ескалира“, рече тој и додаде дека „сите страни треба да ги намалат тензиите“.
Борел: Полицијата на ЕУЛЕКС во Косово доби засилување
Напуштањето на институциите се случи по повикот на „Српска листа“, водечката партија на српското малцинство во Косово, да ги бојкотира официјалните институции за да го искаже своето несогласување со одлуката на Владата на Косово да ја спроведе одлуката за пререгистрацијата на возила.
Одлуката, која Приштина ја спроведува, а чие десетмесечно одложување не беше прифатено и покрај повиците на меѓународната заедница, се соочува со посебен отпор на северот на Косово, каде четири општини се со мнозинско српско население.
Амбасадорот на САД додаде дека во последните денови е во блиска комуникација со Владата, но не може да потврди дека Владата ги презела мерките што ги побарале од нив. Тој изјави и дека и Косово и Србија треба да го спроведат договореното во Брисел.
Властите во Белград ја поддржуваат одлуката на лидерите на косовските Срби, што ја потврди и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во средата им додели одликувања на двајца српски полициски службеници, кои меѓу првите поднесоа оставки на Косово.