Бизнисменот Јордан Камчев од 6 ноември е на слобода, откако пред еден месец ја искористил законската можност да побара и добил од Основниот кривичен суд спојување на затворските казни за случаите „Плацови на Водно“ и „Империја“.
Камчев во април годинава за случајот „Плацови на Водно“ беше осуден на една година затвор, додека за случајот „Империја“призна вина и се спогоди на една година затвор и да плати 5,2 милиони евра.
Во меѓувреме Камчев ја промени својата адреса на живеење од Скопје во Охрид со што надлежен за издржување на санкцијата стана охридскиот суд кој му издаде упатен акт за КПД Струга, кој е од отворен тип. Во струшкиот затвор тој одлежа околу четири месеци.
Против “затворскиот туризам“ со измени на законот за извршување санкции
Камчев ја искористил законската можност и побарал, а Основниот кривичен суд Скопје му ги споил двете казни од по една година.
Со оглед дека единствената затворска казна мора да биде пониска од двете казни заедно, судот му одредил четири месеци помалку односно 20 месеци, а во неговата казна му се пресметува и времето поминато во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, како и куќниот притвор, каде вкупно има околу 14 месеци.