Европската комисија (ЕК) објави детали за пакетот економска поддршка од 18 милијарди евра за Украина во 2023 година, за кој се надева дека ќе биде одобрен од земјите-членки на ЕУ.
Според планот, ЕУ ќе му испраќа на Киев 1,5 милијарди евра месечно во форма на 35-годишни заеми, со камати покриени од ЕУ, за поддршка на украинската влада во борбата против руската инвазија.
„Го воведуваме овој нов финансиски пакет за Украина во време тоа и е потребно на земјата, бидејќи немилосрдните напади на Русија продолжуваат да ја уништуваат клучната инфраструктура“, рече потпретседателот на Комисијата Валдис Домбровскис.
„Нашата финансиска помош мора да биде стабилна, структурирана и предвидлива“, изјави Домбровскис, пренесе новинската агенција АФП.
Пакетот за заем ќе треба да го одобрат земјите-членки на ЕУ, од кои некои беа скептични за преземање одговорност за растечкиот долг на Украина, но ЕК се надева дека првата исплата ќе ја изврши во јануари.
САД најавија дополнителни 400 милиони долари за Украина
ЕУ веќе испрати 4,2 милијарди евра финансиска помош за Украина оваа година и планира да плати уште 2,5 милијарди до крајот на овој месец.
Сепак, Меѓународниот монетарен фонд проценува дека на Киев следната година ќе му требаат меѓу три и четири милијарди евра месечно, поради руската инвазија.
Брисел се надева дека неговиот придонес ќе биде координиран со Вашингтон и другите големи меѓународни донатори со цел оваа поддршка да се доведе до потребното ниво.
„Ќе обезбедиме Украина да излезе од оваа војна како просперитетна земја, на патот кон европската интеграција. Ќе бидеме со Украина се додека е потребно“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.