Србија и НАТО имаат одлична политичка и воена соработка во рамките кои ги избра Србија, но Алијансата е загрижена од силниот анти-НАТО наратив, изјави во Белград Хавиер Коломина, заменик-помошник генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика и ги повика сите страни во Косово на воздржаност, јави дописникот на МИА од Белград.
Коломина во разговор со новинарите во Канцеларијата на НАТО во Белград рече дека има основа за кризата на Косово, бидејќи за прв пат се случило косовските Срби да ги напуштат институциите, вклучително и полицијата, но дека нема криза во полна смисла, нема демонстрации или насилни протести за кои би била потребна реакција од КФОР.
Според него, зголемувањето на бројот на единиците на ЕУЛЕКС со доаѓањето на италијанските карабинери е очекувано бидејќи тие се второ ниво на реакција, а Кфор е трето.
Испразнетите места во косовската полиција ги пополнуваат редовните полициски сили, што според него е добро, бидејќи ризикот би бил поголем доколку тоа се вршеше од редовите на специјалните сили, за што разговарал со премиерот на Косово, Албин Курти.
Коломина потсети дека генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во понеделникот разговарал со Вучиќ и Курти, наведувајќи дека КФОР го задржува нивото на подготвеност да обезбеди безбедна средина и слобода на движење за сите заедници во Косово.
- Курти: Зголемени се заканите на Србија за дестабилизација на Косово
- Мирно и без инциденти зaврши протестот на Србите во Северна Митровица
Коломина го пренесе ставот на Алијансата двете страни да се воздржат од дејствија кои можат да предизвикаат ескалација на тензиите, додавајќи дека дијалогот под покровителство на ЕУ е единствениот пат напред.
Тој додаде дека НАТО е особено загрижен поради фактот што во Србија, која е еден од најефикасните партнери на НАТО, популарноста на НАТО во јавното мислење е едвај четири до пет проценти. Коломина оцени дека тоа е последица на силниот анти-НАТО и антизападен наратив во медиумите, кој доаѓа и од претставници на власта.
Кога станува збор за неутралната позицијата на Србија кон руската агресија врз Украина, тој го поздрави гласањето на Србија за одредени резолуции во ОН, но додаде дека е тешко разбирлив чинот на потпишување договор со Русија само еден ден по гласањето.