Џафери: Мала држава сме, не е спорно дали се познаваме со обвинителот Абази

Талат Џафери

Познанството со новоизбраниот шеф на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази со луѓе на ДУИ, не треба да коментира, со оглед дека станува збор за претставници на различни власти.

Вака одговори Талат Џафери на прашањето на МИА околу релациите помеѓу владејачка партија и обвинителот.

„Прво и основно јас сум претседател на Собранието и како пратеник и како Собрание ние сме посебна власт, тие се посебна власт. Ние сме мала држава. Ако одиме од тоа дали се познаваме или не, ќе биде некоректно да кажеме дека ние не го познаваме човекот којшто ни бил во Вишото обвинителство во Гостивар. Така што, во тој контекст не е спорно дали ние се знаеме или не,“ рече претседателот на Собранието на Република Северна Македонија

Според првиот парламентарец секој поинаков коментар оди на штета на системот и на властите и нагласи дека познанствата не треба бидат пречка некој граѓанин биде избран за функционер, а личните релации не треба да се отежителна околност.

Гостиварскиот обвинител Ислам Абази е избран за нов шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција- ОЈО ГОКК откако тој доби највеќе гласови од своите колеги.

Абази кој доаѓа од Вишото обвинителство- Гостивар беше единствениот од четворицата кандидати за оваа функција кој немаше своја програма, не комуницираше со медиумите, не дебатираше со колегите.

Во јавноста се појавија информации дека неговиот брз напредок во професијата се припишува на наводна поврзаност со владејачката ДУИ, особено со лидерот на партијата Али Ахмети со оглед на тоа дека и двајцата се родум од селото Зајас.

Абази негираше дека има лични контакти со Ахмети, како и со некои други личности од ДУИ и изјави дека не е забрането да се дружи со функционери, доколку нема некаква постапка против нив.