Смртоносен напад на проиранската милиција во Сирија

илустрација

Најмалку 14 лица загинаа во напад врз конвој на проиранската милиција во источна Сирија, во близина на границата со Ирак, објави денеска Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, пренесува АФП.

Оттаму не прецизираа кој го извршил нападот.

Нападот погодил конвој „цистерни со гориво и камиони натоварени со оружје“ во пограничната област Албу Камал.

Претставник на ирачката гранична стража изјави дека камионите превезувале гориво од Иран до Либан по копнен пат преку Ирак и Сирија. Тој рече дека конвојот се состоел од 22 камиони-цистерни, од кои 10 биле погодени по влегувањето на територијата на Сирија. Според него целосно изгореле четири камиони.

Портпаролот на коалицијата предводена од САД која се бори против остатоците од Исламската држава во Ирак и Сирија, контактиран од АФП, изјави дека нападот не го извршиле Соединетите Држави или која било друга коалициска земја.

Израел одби да коментира.

„Не ги коментираме извештаите на странските медиуми“, изјави портпаролот на израелската армија за АФП.

Израел ретко ги коментира своите воени акции во Сирија, освен операциите што ги презема како директен одговор на она што војската го смета за непосредни закани.

Но, тие претходно потврдија дека извршиле стотици воздушни и ракетни напади во Сирија, гаѓајќи ги владините позиции и силите поддржани од Иран од избувнувањето на граѓанската војна во земјата во 2011 година.

Израел постојано повторува дека „нема да дозволи неговиот непријател Иран да стекне ново упориште на северната граница“. Шиитските милициски групи блиски до Иран имаат значително воено присуство низ Сирија како поддршка на силите на претседателот Башар ал Асад.

Во септември минатата година, беспилотни летала управувани од неидентификувана војска нападнаа конвој на ирачката Хашед ал-Шааби, паравоена група составена од претежно проирански милиции, во пограничната област Албу Камал, при што загинаа најмалку три лица.