Поевтина струја за прехранбената индустрија, водостопанствата и училиштата

илустрација

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека веќе се утврдени процедурите и ЕСМ ја подготвила потребната документација, врз основа на која ќе се склучат договорите со „ЕСМ продажба“ за снабдување со електрична енергија за физички и правни лица регистрирани за вршење на приоритетна дејност од областа на прехранбената индустрија, јавни претпријатија од областа на водостопанство, како и основните и средни јавни училишта.

Како што е познато, Владата донесе одлука со која го задолжи АД ЕСМ преку „ЕСМ продажба“ во текот на траењето на енергетската криза, до 30 април 2023 година, да снабдува со електрична енергија неколку категории потрошувачи, дополнително од досегашното задолжение кое што го има според Закон.

„Оваа одлука е донесена со цел да се спречи растот на цените на основните прехранбени производи, да се одржи сигурност и континуитет во снабдувањето со вода и да се обезбеди електрична енергија за училиштата за непречено одвивање на наставата во текот на целиот есенски и зимски период,“ рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека документацијата и упатствата се крајно поедноставени и ќе се постават на официјалната веб страница на АД ЕСМ од каде потрошувачите ќе може да ги симнат и да ги пополнат и заедно со другите документи кои треба да бидат приложени кон барањето треба да ги пратат на е-маил, а потоа да ги достават и до архивата на компанијата.

Со оваа мерка, како што кажа, се опфатени три категории на потрошувачи.

Во првата категорија влегуваат физички и правни лица регистрирани за вршење на приоритетна дејност од областа на прехранбената индустрија. Тука се основните продукти месо, млеко, леб, масло,… Цената на електричната енергија за нив ќе биде 80 евра за мегават час и ќе важи само за потрошувачката на броилата за директно извршување на приоритетната дејност, односно исклучиво за производствениот процес.

Премиерот побара да бидат солидарни производителите опфатени со оваа мерка и да ги намалат цените на основните прехранбени производи за најмалку 10 проценти.

Во втора категорија спаѓаат јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни лили пречистителни станици. Цената за нив ќе биде 95 евра за мегават час.

Во третата категорија, влегуваат 365 основни и 109 средни јавни училишта како и јавните здравствени установи.

„За да имаме топли училишта и топли болници во оваа кризна состојба Владата обезбеди повластена цена на струја од ЕСМ од 95 евра за мегават час. Целта на снабдувањето на училиштата е да се осигура настава, односно дека нема да дојде до нарушување на воспитно образовниот процес од причини на недостиг на струја, исклучување поради неподмирени високи сметки,“ рече Ковачевски.

Владата ќе продолжи да ја субвенционира струјата со 80 проценти за над 600 илјади домаќинства и за 72 илјади мали потрошувачи. Премиерот повтори дека за 42 илјади граѓани од најранливите категории, ќе следува директна финансиска помош, како и за пензионерите со најниски примања.