Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија Жозеп Борел соопшти дека полицијата на ЕУЛЕКС добила засилување за да обезбеди стабилност на Косово.
Борел на Твитер напиша дека „во овие тензични времиња во Косово, Мисијата на ЕУ за владеење на правото-ЕУЛЕКС ја исполнува својата должност да обезбеди стабилност“. Тој соопшти дека синоќа Европските сили на жандармерија, вклучително и карабинерите, пристигнале за привремено да ја засилат полициската единица на ЕУЛЕКС во Косово.
„ЕУЛЕКС ќе продолжи да поддржува мирна и безбедна средина“, напиша високиот претставник на ЕУ.
Зајакнувањето на полицијата на ЕУЛЕКС доаѓа откако припадниците на српската заедница ги напуштија сите косовски институции на северот на Косово, вклучително и полицијата и судството.
- Дачиќ за ситуацијата на северот на Косово: Треба да се види дали постои Бриселски договор
- Вучиќ се надева дека КФОР и ЕУЛЕКС ќе ја преземат полициската работа на северот на Косово
Косовската претседателка Вјоса Османи претходно вчера се сретна со шефот на ЕУЛЕКС, Ларс-Гунар Вигемарк и ја повтори посветеноста на косовските институции за спроведување на законот и редот, како и обезбедување непречено функционирање и јавна безбедност во целата земја, во тесна соработка со меѓународните партнери, пренесува Анадолија.
Сите претставници на Србите на северот на Косово во саботата се повлекоа од Собранието и Владата на Косово, како и од сите институции на северот на Косово. Српската листа соопшти дека нивната одлука останува во сила додека Приштина не ги повлече своите „еднострани и незаконски одлуки“ за пререгистрација на регистарските таблички и не формира Заедница на општини со српско мнозинство во согласност со Првиот бриселски договор.