Земјотрес со јачина од 5,6 степени ја погоди централна Италија со епицентар на 64 километри источно од Римини, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC). Нема информации за жртви.
По првиот удар, неколку помали земјотреси се забележани во централна Италија и во Јадранското Море, недалеку од италијанскиот брег. Земјотресот бил почувствуван и во Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Порталот 24сата.хр наведува дека земјотресот бил почувствуван и на хрватското приморје и во Словенија.
„Креветот се тресе на сите страни, десет секунди имаше силно тресење, галебите вознемирени“, изјави за порталот читател од Задар.