Соединетите Држави и Русија се договорија да ги обноват состаноците под покровителство на Новиот договор СТАРТ за намалување на количината на нуклеарно оружје, кои беа паузирани уште пред почетокот на руската инвазија на Украина.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс рече дека билатералната консултативна комисија, односно механизмот за спроведување најновиот договор за контрола на оружјето меѓу двете најголеми нуклеарни сили во светот, ќе се состане „во блиска иднина“.
Во август Русија ја прекина соработката со инспекцијата која е дел од договорот, обвинувајќи ги за тоа ограничувањата за патување што им ги наметна Вашингтон и неговите сојузници поради инвазијата на Украина, но рече дека останува посветена на почитувањето на условите од договорот.
Новиот СТАРТ, кој е на сила од 2011 година, го ограничува количеството стратешки нуклеарни боеви глави што САД и Русија можат да ги распоредат, распоредувањето на ракети од копно и подморница, како и бројот на бомбардери што можат да ги носат.
- Шојгу: Русија нема потреба да користи нуклеарно оружје во Украина
- Бајден ги повика Русија и Кина да се вклучат во нуклеарни преговори
Прајс истакна дека Вашингтон се надева на „конструктивен состанок“, но не прецизираше датум или локација.
„Ние навлегуваме во ова со јасни ставови, ние сме реални за тоа што вклучува дијалогот меѓу САД и Русија и што може да постигне. Фокусирани сме на намалување на ризикот во овие разговори, но бевме многу конкретни во нашите напори да се осигураме дека способноста на нашите две земји да комуницираат нема да изумре“, изјави Прајс.
Комисијата, која треба да се состанува двапати годишно, последен пат се состана во октомври 2021 година, непосредно пред Русија да започне со распоредување војници во близина на границата со Украина.
Рускиот дневен весник Комерсант објави дека разговорите би можеле да продолжат на Блискиот Исток, додавајќи дека Швајцарија, традиционална локација, повеќе не е доволно неутрална за Москва, со оглед на тоа што таа воведе санкции кон Русија поради Украина.