Дипломати, војници, принцези...
МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славевски ја прекина денешната седницата за советнички прашања, откако се случи расправија меѓу него и градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.
Расправијата се случи откако Славески го зема микрофонот од говорницата и го стави под неговата маса, откако службите не му го вратија копчето со кое може да го вклучува и исклучува микрофонот на говорницата во пленарната сала на Советот. Славески го повика Инспекторатот за локална самопурава да интервенира.
ТУРЦИЈА - Турција почна да работи на изградбата на својата трета нуклеарна централа во северозападниот регион Тракија за да ја задоволи зголемената побарувачка на енергија во земјата. Ова денеска го изјави турскиот министер за енергетика и природни ресурси Фатих Донмез.
УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека тековната неиспровоцирана инвазија на Русија врз неговата земја го одвлекува вниманието на светот од напорите за борба против климатските промени. Во своето видео обраќање на 27-от годишен состанок на ОН за климатски промени (КОП 27) во Египет, Зеленски рече дека „не може да има ефективна климатска политика без мир“. Тој додаде дека агресијата на Русија против Украина уништила 5 милиони хектари шуми и донела енергетска криза, принудувајќи некои Украинци да продолжат да користат јаглен.
МАКЕДОНИЈА - Македонското здружение за надворешна и меѓународна политика Совет на амбасадори, со загриженост ги следи настаните на северниот дел на Косово после напуштањето на државните институции од поголемиот дел на полициски службеници и вработени во административните служби.
ИРАН - Иранското обвинителство обвини две новинарки кои известуваа за смртта на Махса Амини за пропагандни прекршоци, додека владиното задушување на немирите и несогласувањата предизвикани од трагедијата продолжува. Портпаролот на иранскиот суд Масуд Сетајеши денеска изјави дека Нилуфар Хамеди и Елахе Мохамади се обвинети за договарање со намера да дејствуваат против националната безбедност и пропаганда против државата.
НОРВЕШКА - Принцезата Марта Луиз, ќерката на норвешкиот крал Харалд, денеска изјави дека повеќе нема официјално да го претставува норвешкото кралско семејство по „многу прашања поврзани со мене и улогата на мојот вереник“. 51-годишната принцеза, која е четврта во редот за норвешкиот трон, се вери во јуни со Дурек Верет, Американец кој на својата веб-страница се опишува себеси како шаман и исцелител.
МАКЕДОНИЈА - Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма од американскиот претседател Џо Бајден, со кои Анџела Прајс Агелер е именувана за нова амбасадорка на САД во Северна Македонија.
БУГАРИЈА - Министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи денеска во Софија одржа средба со неговиот бугарски колега, Николај Милков, на која биле договорени конкретни механизми за превенција на говорот на омраза во двете земји, соопшти МНР. Османи посредбата изјави и дека ќе ѝ препорача на македонската Влада да го испрати Закон за здруженија и фондации во Венецијанската комисија кој беше усвоен деновиве.