Турција почна да работи на изградбата на својата трета нуклеарна централа во северозападниот регион Тракија за да ја задоволи зголемената побарувачка на енергија во земјата. Ова денеска го изјави турскиот министер за енергетика и природни ресурси Фатих Донмез.
Во телевизиско интервју Домнез изјави дека сега е во тек изградбата на четвртиот реактор на првата нуклеарна централа во земјата „Акују“ во Мерсин, на брегот на Средоземното Море, од која првиот реактор се очекува да стартува со работа на крајот на годината, а потоа останатите реактори секоја наредна година.
Втората централа ќе се гради во Синоп, а во тек се работите за утврдување на точната локација на третата централа во регионот на Тракија.
Донмез истакна дека стратешката централна локација на земјата, опкружена со 15 земји производители и потрошувачи на енергија, ѝ дава предност во однос на другите енергетски центри. Тој додаде дека Турција увезува речиси 40 отсто од својот природен гас од Русија, но, како што вели, не се потпира само на Русија за својата планирана улога како енергетски центар.
Донмез изјави дека Турција увезува природен гас и од Азербејџан и Иран, и е прилично флексибилна во однос на увозот на течен природен гас од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Катар, Оман во регионот на Персискиот Залив, Египет и Алжир во регионот на Медитеранот, како и од Соединетите Американски Држави и Нигерија, и додаде дека земјата има дополнителни планови за увоз од Ирак, Либија и Израел.