Јавното Сообраќајно Претпријатие - ЈСП Скопје, денеска го раскина договорот со еден од поголемите приватни превозници „Макекспрес“. Во сооштението од Град Скопје е наведено дека линиите на кои сообраќаа приватните автобуси, отсега ќе бидат заменети со автобуси на ЈСП Скопје со што транспортот на патници ќе продолжи непречено.
Станува збор за најмалку 70 приватни автобуси со кои располага фирмата, а кои сообрааќаа на линиите 19, 20, 22, 52 и 54.
Во соопштението од Град Скопје наведено дека причината за раскинувањето на договорот со приватниот превозник „Макекспрес“ е непочитување на обврските од договорот во кои се уредуваат условите за начинот на јавен превоз.
„Со жалење мораме да констатираме дека „МАКЕКСПРЕС“ до моментот на раскинување на договорот не успеа да обезбеди модернизирани автобуси со соодветни еколошки стандарди, основно ниво на хигиена во автобусите и редовност без доцнење на автобуските постојки,“ се вели во соопштението.
Пред само десетина дена од фирмата „Макеспрес“ изјавија дека размислуваат за протест поради неисплатен долг од ЈСП и Град Скопје кон нив. Сопственикот на компанијата Милорад Димитријевски во изјава за ТВ 21 на 30 октомври побара итна средба со раководството на ЈСП и градската власт.
„Станува збор за секојдневен трошок од стотици евра што на име на гориво го имаат превозниците, а при тоа не ги добиваат парите за извршената работа. Во изминатиот период се соочивме со непријатна ситуација, дел од возилата од линиите 19 и 20 да се исклучат од сообраќај “изјави Димитријевски
Тој тогаш барал истна исплата на долговите за август, септември и октомври.
Скопјани на 20 октомври за прв пат останаа без јавен превоз затоа што вработените во ЈСП протестираа бидејќи не земале плата.