Приведени ирански новинарки кои известувале за смртта на Амини

Илустрација, протести во Иран по смртта на Махса Амини

Иранското обвинителство обвини две новинарки кои известуваа за смртта на Махса Амини за пропагандни прекршоци, додека владиното задушување на немирите и несогласувањата предизвикани од трагедијата продолжува.

Портпаролот на иранскиот суд Масуд Сетајеши денеска изјави дека Нилуфар Хамеди и Елахе Мохамади се обвинети за договарање со намера да дејствуваат против националната безбедност и пропаганда против државата.

Хамеди е новинарката кој ги фотографирала родителите на Махса Амини како се прегрнуваат во болница во Техеран каде нивната ќерка лежела во кома додека била во полициски притвор поради наводно неправилно носење шамија на главата. Нејзината објава на фотографијата на Твитер беше првиот извештај за случајот.

Дваесет и две годишната Амини почина на 16 ти септември, неколку дена откако беше приведена од озлогласената полиција за морал поради наводно прекршување на строгиот женски кодекс на облекување во земјата.

Властите ги обвинија „основните болести“ за причината за смртта, но поддржувачите и членовите на семејството велат дека Амини била претепана додека била во притвор.

Мохамади известуваше за погребот на Амини во нејзиниот роден град Сагез, кој го означи почетокот на масовните протести кои ја зафатија целата земја.

Иранските разузнавачки служби ги обвинија Хамеди (30) и Мохамади (35) дека се агенти на ЦИА, дел од владиниот наратив, изнесен без докази, дека САД и другите западни сили стојат зад немирите.

Стотици новинари издадоа заедничка изјава во која го критикуваат притворот на двете жени и негирањето на нивните основни права, вклучително и пристапот до адвокат.

Според организациите за заштита на човекови права, на протестите се убиени повеќе од 300 луѓе, а илјадници се приведени.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бес поради видеото кое прикажува полициска бруталност во Иран

И покрај предупредувањата на владата дека репресијата ќе се интензивира, Иранците продолжуваат да излегуваат на улиците.

Студентите на престижниот универзитет Шариф во Техеран на 8 ноември одржаа нови демонстрации, пеејќи една од протестните химни што се однесува на големиот број студенти кои го напуштаат Иран, барајќи од нив „да останат и да ја вратат земјата назад“.

Меѓународниот монетарен фонд соопшти дека повеќе од 150.000 образовани Иранци секоја година ја напуштаат својата земја со надеж дека ќе најдат подобар живот во странство.