Полицијата приведе велешанец затоа што превезувал мигранти од Сирија

Приведен е велешанец кој превезувал 21 мигрант од Сирија на регионалниот пат Демир Капија - Неготини, соопшти денеска полицијата. Портпаролот на СВР- Велес, Ристе Самарџиев изјави дека на регионалниот пат Демир Капија-Неготино на место викано „Острово“ пред Неготино полициски службеници го привеле 41 годишниот маж од Велес, затоа што во товарно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени 21 мигранти од Сирија.

„Претходно, тој не застанал на знак за запирање даден од полициски службеници и се обидел да избега. Набргу бил запрен и лишен од слобода“, појасни Самарџиев.

Тој информира дека мигрантите биле спроведени во прифатно-транзитен центар, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, најави Самарџиев.