Зеленски: Можни се разговори со Русија, но под услови на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја навести можноста за мировни преговори со Русија, што е отстапување од неговото претходно одбивање да преговара со претседателот Владимир Путин пред клучните избори во САД.

Доцна во понеделникот Зеленски ја повика меѓународната заедница „да ја принуди Русија на вистински мировни преговори“ и ги наведе неговите вообичаени услови за дијалог: враќање на сите окупирани територии на Украина, компензација за воена штета и гонење за воени злосторства.

Агенцијата Асосиејтед Прес пишува дека тоа е промена во реториката од човекот кој го потпиша указот на крајот на септември во кој се наведува „неможноста да се разговара“ со Путин.

Сепак, бидејќи неговите предуслови се чини дека не се прифатливи за Москва, тешко е да се предвиди како тоа ќе ги унапреди разговорите.

Западното оружје и помошта беа клучни за Украина да се бори против руската инвазија.

Сепак, среднорочните избори во САД во вторник ќе го дефинираат износот и формата на идната политичка и финансиска поддршка на Вашингтон за Украина.

Доколку републиканците ја освојат контролата врз Конгресот, би можело да стане потешко за администрацијата на претседателот Џо Бајден да ѝ доставува големи пакети воена и друга помош за Украина.

Русија и Украина одржаа неколку рунди преговори во Белорусија и Турција на почетокот на војната.

Разговорите кои не дадода резултати застанаа по последниот состанок на делегациите во Истанбул во март.