Османи и Милков договориле конкретни механизми против говорот на омраза

Софија - Министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи на средба со неговиот бугарски колега, Николај Милков.

Министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи денеска во Софија одржа средба со неговиот бугарски колега, Николај Милков, на која биле договорени конкретни механизми за превенција на говорот на омраза во двете земји, соопшти МНР. Османи посредбата изјави и дека ќе ѝ препорача на македонската Влада да го испрати Закон за здруженија и фондации во Венецијанската комисија кој беше усвоен деновиве.

Тие разговарале и за севкупниот контекст на односи и соработка и за заедничките обврски кои произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка којшто беше потпишан во 2017 година.

Во соопштението на МНР се вели дека на средбата двајцата министри се согласиле дека не треба да се дозволи бројните провокации од групи и поединци во двете земји да го нарушат процесот на зајакнување на добрососедските односи.

„Сакам да верувам дека заедно со колегата Милков ќе сториме сѐ за да не дозволиме други да ни ја водат надворешната политика, други на ди ги кројат билатералните односи, туку ние двајца, заедно со дипломатите од нашите министерства, во духот на европските вредности ќе продолжиме да градиме европска иднина за сите наши граѓани. Не треба да заборавиме дека сме ние актуелни сојузници во НАТО, идни партнери во Европската Унија, но пред сѐ пријатели и добри соседи, и очекувам нашата соработка да се развива соодветно, истакна Османи.

Тој исто така денеска на заедничката прес-конференција со Милков изјави дека ќе ѝ препорача на Владата да го испрати неодамна усвоениот Закон за здруженија и фондации во Венецијанската комисија, со цел таа да утврди дали навистина во него има нешто спорно, како што тврди Софија.

Законот беше донесен минатата недела во Собранието. Македонските пратеници го донесоа законот за да се забрани отворање на здруженија според спорни историски личности, кои се поврзуваат со фашизам, откако годинава во Македонија беа отворени културни клубови со имиња на Ванчо Михајлов кој се смета за соработник на фашистите во Втората светска војна и кој тврдел дека Македонците се Бугари, како и на Цар Борис Трети кој владеел во Бугарија од 1918 до 1943 година, а во негово време во 1941 година Бугарија станува сојузник на нацистичка Германија, со што за возврат добива територии, вклучително и голем дел од денешна Македонија.

Османи рече дека целта била да се одговори во моментот и да се спречи евентуално саботирање на заедниците од страна на други чинители.

„Поради тоа што се оспорени одредени прашања во самиот Закон, јас ќе предложам, Владата да го прати во Венецијанската комисија, за таа да каже точно дали има нешто спорно во тој закон“, рече Османи.

Бугарскиот министер за надворешни работи Милков рече дека имаат интерес да го вратат позитивниот дневен ред во односите меѓу двете земји.

„Бугарија е заинтересирана да биде вратен позитивниот дневен ред во односите со Северна Македонија, нешто што изминатите месеци е загубено“, рече Милков.

Иако во 2017 година беше потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, две години подоцна Бугарија стави вето Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ.

Но, во јули годинава двете земји прифатија францускиот предлог за кревање на бугарското вето и одблокирање на почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската унија, со тоа што бугарските услови станаа дел од обврските на Македонија кон ЕУ.

Документот кој го одобри и македонскиот Парламент, предвидува внесување на Бугарите во Преамбулата на македонскиот Устав, но и борба против говорот на омраза, ревизија на учебниците по историја и гаранции дека земјава нема територијални претензии.

На денешната средба двајцата министри разговарале и за досегашните активности во однос на отворањето на Граничниот премин Клепало, како и на соработката на планот на културата.

Османи и Милков го охрабруваат интензивирањето на културната соработка која, како што велат, треба преку своите универзални вредности да дејствува во насока на зближување и градење пријателство меѓу двата народи.