Украинските власти велат дека Русија трпи големи загуби во Донбас

Украинските војници пукаат од тенк Т80 кој беше заробен од Русите за време на битката во Тростјанец во март, додека руската инвазија на Украина продолжува, во источниот регион Донбас Бахмут, Украина, 4 ноември 2022 година.

Русија претрпува големи загуби на истокот на Украина, соопшти Киев, додека истовремено на југот се наѕира битката во Херсон.

Киевските сили одбија неколку бранови руски напади во Донбас, соопшти денеска украинската војска.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски рече дека големите загуби што ги претрпуваат Русите на дневна основа го истакнуваат „лудилото“ на стратегијата за напад на Москва.

Во јужниот град Херсон, Украина ја обвини Русија дека ограбува празни домови и ги окупира со војници во цивилна облека, во очекување на украинската офанзива за повторно заземање на градот којшто беше првиот што падна во рацете на московските сили на почетокот на инвазијата врз Украина.

Генералштабот на вооружените сили на Украина во своето секојдневно ажурирање соопшти дека руските трупи на исток продолжиле со нападите врз Бахмут, Авдијивка и Новопавливка, централните точки на офанзивата на Москва во Доњецк во последните недели.

Во своето редовно видео обраќање, Зеленски на 7 ноември ја нарече интензивната борба во регионот на Доњецк „епицентар на најголемото лудило на окупаторите“.

„Тие умираат по стотици секој ден“, рече Зеленски.